Македонија
26. April 2017 - 21:08

Во Скопје протестен марш на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“

Граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“ вечерва по 59-ти пат во Скопје одржа протестен марш на кој побара отфрлање на тиранската платформа и нови парламентарни избори за излез од ситуацијата во која се наоѓа Македонија.

Учесниците на протестниот марш тргнаа од Владата, продолжија пред Народната канцеларија на претседателот на Република Македонија во центарот на Скопје, а протестот заврши пред македонското Собрание. 

Поддршка на иницијативата дадоа јавни личности, а денеска се приклучи и Риболовната федерација на Република Македонија. 

- Нема да дозволиме да се инсталира тиранска платформа која ќе значи крај на унитарноста на нашата држава, платформа која ќе воведе кон федерализација. Никој нема право да го направи тоа, рече Бранко Јанушев од Риболовната федерација.

Актерот Владо Дојчиновски ги повика пратениците да се соочат со народот и да излезат на избори.

- Секој ден ги слушаме како зборуваат едно исто - што побрзо да изгласаат претседател на Собранието. Ако со тоа мислат дека ќе ги задржат столчињата, нема да им дозволиме. Ако сакаат да останат на тие столчиња, нека соберат храброст и нека се соочат со овој народ и да излезат на избори, рече Дојчиновски.