Македонија
2. October 2016 - 13:40

Во Скопје по 12-ти пат се одржа манифестацијата Бела ноќ

Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски синоќа во Музејот на град Скопје ја отвори традиционалната манифестација  Бела ноќ, каде што беа поставени дел од делата на Големата изложба на американски ПОП АРТ, поставена во  Музејот на Град Скопје, Музејот на современа уметност и Младинскиот културен центар - МКЦ.

- Традиционално, во првите денови на есента, саботната ноќ ја зачинуваме со дополнителна светлина, музика, бои од ликовна експресија, спектакуларни перформанси, продолжено работно време на јавните и угостителски објекти, бесплатен градски превоз, сé со цел да се привлечат граѓаните на Скопје да излезат од своите домови за да доживеат несекојдневно уметничко и општетсвено искуство. И оваа вечер, по 12-ти пат, се надеваме дека скопјани ќе препознаат обид на Градот Скопје и на Младинскиот културен центар да организираат Бела ноќ којашто ќе претставува квалитативен исчекор во однос на сите претходни, рече на отворањето Трајановски.

Посочи дека во рамките на Белата ноќ се одржуваат перформанси на градските плоштади, рок концерти, изложби на фотографии, танцови перформанси, ликовни изложби, филмски маратон, изложба на стрип арт...

Големата изложба на американскиот  ПОП АРТ е составена од над 100 графички дела, од шесте култни: Енди Ворхол, Рој Лихтенштајн, Роберт Раушенберг, Џон Чемберлејн, Том Веселман и Џејмс Розенквист. Делата на поп-артистите пред сè упатуваат на потрошувачката култура, маркетингот и јавните гласила.

На Плоштадот Македонија, во 21 часот, настапи француската трупа Кидам (Company des Quidams) со нејзиниот последен звучно-светлосен перформанс Горди на коњ, улична светлечка парада, а потоа се одржа  театарскиот перформанс „Арка“ на полската  трупата „Театарот на осмиот ден“.

Во Младинскиот Културен Центар се одржаа концерти на култната белградска група Дисциплина кичме, по повод издавањето на новата плоча именувана „Опет“, швајцарските рокенрол/блуз/гараж херои Roy & the Devil's Motorcycle; и македонскиот инструментален пост рок квартет, Khara.

Детскиот креативен центар при МКЦ, за време на Бела ноќ беше отворен  од 17 до 20 часот за децата на посетителите кои присуствуваа на работилниците  Интервенција на простор „Боен амбиент“  и на  Звукот како визуелна појава.

Во Денсинг салата на МКЦ се одржа DeSonanz – фестивалот  на кој настапија   Kumo / Jono Podmore и Amplidyne Effect & Ogie.

Во Џебното Кино на МКЦ посетителите имаа можност да присуствуваат на  одличен перформанс на големите јапонски уметници Yoshio Machida и Maiko Date насловен Sound is Body, Body is Sound.

Во градско Кино Милениум, како и изминатите години имаше бесплатен филмски мартон. За Белата ноќ се одржа премиерата на македонскиот кандидат за Оскар, филмот  „Ослободување на Скопје“.

Во Културно информативниот центар беше поставена изложбата на фотографии на  словенечки автор Горан Берток, а во Домот на културата „Кочо Рацин“ изложбата на фотографии на Ерина Богоева од Македонија.

Како и секоја година, така и оваа, во рамките на Бела ноќ, граѓаните на град Скопје  имаа можност  да поминат  бесплатно попладневно матине во Зоолошката градина.

Организатор на манифестацијата е Младинскиот културен центар, а Градот Скопје, како покровител, за успешна реализација на оваа специфична ноќ исполнета со уметност и музика, од Буџетот за 2016 година одвои 3,5 милиони денари.