Македонија
19. January 2016 - 13:12

Во Штип Светиот крст се фрли на две различни локации во водите на Брегалница

Дваесет и петгодишниот Раде Атанасов од штипско Ново село и Горан Јовевски од градот Штип го фатија Светиот крст, кој во Штип се фрла на две различни локации.

Во Ново село, на мостот на реката Брегалница, кој ги поврзува старите маала Ново село и Кежовица Светиот крст го фати 25-годишниот Раде Атанасов од Ново село.

- Повеќе пати се имам обидено да го фатам Светиот крст и оваа година имав среќа и го фатив. Им посакувам на сите верници здравје и среќа, рече Атанасов.

На Камениот мост кај детската градинка „Астибо“ втора година по ред се фрла крстот во водите на реката и по втор пат го фати 31-годишниот кувар Горан Јовевски од Штип.

- Се надевам дека и оваа година ќе биде бериќетна за мене. За многу години празниците и на сите им посакувам се најдобро, рече Јовевски.

Митрополитот на Брегалничката епархија г. Иларион кој чиноначалствуваше со светата литутргија во црквата „Свети Никола“ и ги освети водите на реката Брегалница кај Камениот мост истакна дека и покрај минусните температури сепак верниците ја продолжуваат традицијата.

- Еве и годинава Бог е со својата милос, иако  ни се најавува  ниски температури, ни даде убав сончев ден за да можеме да го спроведе крштевањето Христово, рече г.Иларион.

Годинава Општина Штип и Брегалничката епархија обезбедија подароци за момчињата кои го фатија Светиот крст.

- Брегалница е нашата река Јордан. На нашиот младинец кој го фати крстот му посакувам многу здравје, радост и среќа, истакна градоначалникот на Штип, Илчо Захариев.