Македонија
22. јуни 2017 - 15:33

Во септември прв домашен фестивал на претстави од режисерот Иван Поповски

Првиот домашен фестивал на претстави од македонскиот театарски режисер Иван Поповски насловен „Иван се враќа дома” ќе се одржи во Скопје од 16 до 23 септември.

Фестивалот е организиран е од еден од најрерномираните московски театри „Мастерскаја П. Фоменко”, а ќе се случува на сцената на МНТ од 16 до 23 септември 2017 година. 

Ова ќе биде прва можност и македонската публика да види три театарски спектакли во режија на Поповски, кој повеќе од 25 години живее и работи во руската престолнина Москва. Тоа се претставите: „Отровната туника” од Николај Гумиљов (2002), „Алиса зад огледалото” од Луис Керол (2010) и „Сон на летната ноќ” од Вилијам Шекспир (2015).

- Претставите што ќе бидат прикажани на фестивалот се претстави од голем формат, со високобуџетни продукции, во кои учествува елитна театарска екипа, кои ја одушевија критиката, освоија многу значајни театарски награди и признанија и имаа исклучителен прием кај публиката. За нив постојано се бара билет повеќе, иако некои се на репертоарот и по многу години, најавуваат организаторите.

„Сон на летната ноќ” ја доби престижната награда „Златна маска” за најдобра претстава во Русија во 2015 година, „Алиса зад огледалото” е првата претстава за деца и возрасни на „Мастерскаја П. Фоменко” и првата претстава од ваков вид на Поповски, за која ја доби наградата Златен витез за најдобра претстава за деца. „Отровната туника”, пак, се посочува, е волшебна, и воедно егзотична постановка на трагедијата на Гумиљов. Таа се игра на репертоарот на „Мастерскаја П. Фоменко” веќе 15 години предизвикувајќи несмален интерес кај публиката, поради што билетите за претставата се продаваат според листа на чекање, а печатот ја оцени како „прескапа, но безумно убава”.

Со претставите во Скопје ќе пристигне многубројна актерска и техничка екипа, а куриозитет претставува е што сценографијата, костимите и техничката опрема пристигнуваат со четири огромни камиони.

Иван Поповски дипломираше во класата на познатиот театарски режисер Пјотр Фоменко, на Руската академија за театарска уметност (ГИТИС) во Москва. Тој е еден од основачите на театарот „Мастерскаја П. Фоменко”, а има режирано и повеќе проекти во „Театарот за музика и поезија на Елена Камбурова” во Москва. Неговите театарски претстави, како и опери, се играни низ целиот свет, меѓу другото и во САД, Франција, Бразил, Италија, Белгија, Србија, Хрватска, Словенија, Полска, Германија, Литванија, Шведска, Австрија, Египет, Турција, а негови претстави се поставувани во Русија, САД, Франција, Хрватска, Словенија, Македонија, вклучувајќи ги и сцените на некои од најреномираните европски театри како „Бољшој“ во Москва и „Одеон” во Париз.

Покрај престижната награда за најдобра претстава на годината од московската критика за неговата прва, студентска претстава „Авантура“, која влезе и во електронската енциклопедија „Најважните театарски настани во Русија во последните 50 години“, Иван Поповски е добитник и на мноштво други значајни театарски награди, вклучувајќи: гран при на фестивалот БИТЕФ, Наградата за литература и уметност на Градот Москва, која ја доби заедно со артистите од „Театарот за музика и поезија на Елена Камбурова”, Кристалниот Турандот и националната награда Музичкото срце на театарот за претставата „Четири годишни времиња“ итн. Во 2009 година тој го доби и Пушкиновиот орден за посебни заслуги во промоцијата на рускиот јазик и уметност, доделен од тогашниот претседател на Руската Федерација, Дмитриј Медведев.

Театарот „Мастерскаја П. Фоменко” е формиран во 1993 година и денес е еден од омилените театри на московската публика.

Претставата „Сон на летната ноќ”, по гостувањето во Скопје, ќе патува во Талин , Рига и малку подоцна во Женева, а во тек се преговори и за нејзино гостување во повеќе градови во Франција, потоа во Баку итн.