Македонија
25. February 2017 - 21:08

Во Прилеп започна Карневалот “Прочка 2017”

Со детското дефиле на маски, кое се одржа денеска на пладне, како и со одржувањето на првата Научна конференција на тема “Обреди и фестивали под маски на Балканот: традиција, состојба, тенденција”, во Прилеп, денеска започна 16-тото издание на меѓународниот Карневал “Прочка 2017”.
 
Главното дефиле на “Прочка 2017”, традиционално ќе се одржи утре, во центарот на градот, на кое се очекуваат преку 1.000 маскирани учесници од земјава и странство. Годинава, за прв пат, Здружението “Прилепски прочкари”, ќе прикаже уникатна маска која досега не е видена на овие простори.
 
За најубавите маски ќе има и награди во неколку категории, за кои ќе одлучува стручна комисија. Инаку, прилепскиот Карневал од пред десетина години член е и во Европската асоцијација на карневалски градови. Карневалските случувања, кои ги организираат Здужението “Прилепски мечкари” и ЛС, завршуваат в понеделник со заедничкиот ручек со посен касапски грав, кој  се приготвува по единствена прилепска рецептура.