Свет
19. August 2017 - 11:37

Во престрелки на Флорида загина полицаец, а тројца се ранети

Еден полицаец загина, а тројца се ранети во престрелки што во текот на ноќта беа регистрирани во два града од американската сојузна држава Флорида, каде припадници на редот реагирале на сомненија за шверц со наркотици и информација за обид за самоубиство, пренесоа американските медиуми.

Полицијата соопшти дека во градот Кисими еден нејзин припадник е убиен, а друг тешко ранет. Двајцата полицајци во проблематичен реон од градот проверувале осомничени за шверц со наркотици кога против нив бил отворен оган. По инцидентот уапсени се тројца осомничени за пукањето.

Двајца припадници на редот ноќеска настрадале и во Џексонвил, откако, по добен сигнал, отишле во стан за да проверат дали навистина имало обид за самоубиство. Имало и претпоставка дека други три лица во куќата се наоѓаат во опасност. Полицајците слушнале истрели и помислиле дека внатре е лицето кое пукало, па од тие причини се доближиле до куќата. Тогаш осомничениот излегол од куќата и отворил оган кон нив. Тој бил убиен во престрелката што следела со полицијата. Другите три лица во куќата не биле повредени.