Свет
16. October 2017 - 21:25

Во пожарите во Португалија и во Шпанија загинаа 35 лица

Најмалку 35 лица загинаа во пожарите кои од вчера уништуваат земјоделско земјиште и шуми во Португалија и во Шпанија.

Во Португалија вчера и денеска загинаа 32 лица, а можно е да се зголеми бројот на жртви. Во огнената стихија повредени се 56 лица.

Во Шпанија, пожар ја зафати северозападната област Галиција, при што загинаа три лица. Пожари му се закануваат и на градот Виго, каде приградска студентска населба морала да биде евакуирана.

Пожарникарите и понатаму се борат со 50 пожари во Португалија и речиси ист број во Шпанија.

Во гаснењето на пожарите не се вклучени канадери поради густиот чад, кој ја намалува видливоста.

Владата на Португалија побара меѓународна помош и прогласи вонредна состојба на територијата северно од реката Тајо, што е половина од копнената површина на земјата.

Португалските и шпанските власти оценија дека некои од пожарите се подметнати.

Португалија се уште се опоравува од најсмртоносните пожари во историјата на земјата. Во пожарите во јуни годинава загинаа 64 луѓе.