Свет
16. August 2017 - 19:18

Во поплавите во Сиера Леоне загинаа повеќе од сто деца

Во поплавите и лизгањето на земјиштето, кои го погодија главниот град на Сиера Леоне, Фритаун загинаа 105 деца, изјавија денеска официјални претставници во централната мртовечница во градот. 

Мртовечницата соопшти дека околу 400 лица загинале во непогодата која го зафати Фритаун во понеделникот изутрината, но ова не е официјалниот биланс на жртвите.

Спасувачките екипи досега пронајдоа тела на над 400 лица кои загинале во поплавите и лизгањето на земјиштето, изјави вечерва претставникот на сиералеонските власти Сенех Думбуја.

Тој нагласи дека властите стравуваат оти под наносите на земја и кал, пред се во најпогодената населба на Фритаун, Риџент, се наоѓаат телата на уште околу 500 жртви.  

Локалната канцеларија на Црвениот крст соопшти дека околу 600 лица се водат како исчезнати во поплавите и свлечиштето, но британската телевизија Скај, повикувајќи се на неофицијални извори, јави за околу 1.500 исчезнати.

Обединетите нации претходно денеска соопштија дека ги проценуваат хуманитарните потреби во Сиера Леоне, каде во поплавите и свлечишта загинале стотици лица.

Портпаролот на ОН, Стефан Дижарил изјави дека во тек е подготовка на итни планови, со цел да се ублажи потенцијалното избивање на епидемијата и додаде дека Меѓународната организација за миграција веднаш по поплавите од вонредните фондови издвоила 150 илјади долари. 

Претседателот на Сиера Леоне, Ернест Баи Корома изјави вчера дека на земјата и е потребна итна помош за справување со последиците од поплавите и лизгање на земјиштето, признавајќи дека властите не можат сами да се справат со кризната состојба.

Свлечиштето во Реџент се случи во понеделникот во раните утрински часови, по поројните дождови што врнеа во регионот во текот на целата ноќ, предизвикувајќи поплави во повеќе делови на Фритаун. Повеќето од загинатите во Риџент биле затрупани од огромното количество кал додека спиеле.