Македонија
13. October 2016 - 15:52

Во полициски контроли во угостителски објекти во Тетовско затекнати македонски и странски државјанки кои нелегално работеле

Вкупно 23 македонски државјанки и четири странски биле затекнати при акциските контроли, што полицијата синоќа во периодот од 23 часот до 2 часот по полноќ ги спровела во 4 угостителски објекти во Гостиварско и во два на тетовското подрачје, информираше денеска портпаролот на СВР Тетово Марјан  Јосифовски. 

- Од затекнатите  4 странски државјанки, 3 се од Србија и една од Босна и Херцеговина. По контролите во два објекти во Чегране и по еден во Гостивар и Добри Дол било утврдено дека една непријавено претстојувала додека другите нелегално работеле како пејачки и танчарки по што биле задржани од полицијата и ќе бидат предадени за натамошна постапка во Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и реадмисија. Македонските државјанки кои исто така биле ангажирани како пејачки и танчарки биле приведени за расветлување на сите поедности околу нивното ангажирање во објектите во Гостиварско, како и во тетовските села Сараќино и Горно Седларце  по што ќе бидат пуштени, изјави Јосифовски.

Утрово помеѓу 7 и 9 чесот  на тетовското подрачје била извршена друга акциска контрола и тоа во Порој, Џепчиште и Мала Речица при што биле приведени 20 албански државјани со нерегулиран престој. По кусото задржување во Полициската станица - Тетово и  тие биле предадени во Отсекот за прекуграничен криминал, миграции, странци и редамисија.

Според податоците на Јосифовски во изминатите девет месеци од оваа година на подрачјето на СВР Тетово биле спроведени вкупно 19 акциски контроли во угостителски објекти, од кои 11 на тетовските и 8 на гостиварските простори. Во нив биле откриени  62 странски државјанки од кои 36 од Република Албанија, 4 од Косово, 6 од Бугарија, 13 од Србија и по 1 од Босна и Херцеговина, Црна Гора и Словенија како и 17 државјанки на Република Македонија кои нелегално работеле или престојувале спротивно на целта, односно го злоупотребиле туристичкиот престој. Најголемиот број од девојките биле ангажирани како пејачки или танчарки за забава на гостите во објектите. 

- Во истиот период годинава при контроли реализирани од полицијата во Тетово и Тетовско поради непријавен престој и нелегално работење откриени и приведени биле вкупно 68 странски државјани најчесто економски емигранти-надничари. Педесет и осум од нив биле од Албанија, 7 од Косово,  и по 1 од Србија , Хрватска и Турција. Најмногу од нив биле ангажирани за изведување градежни или полски работи односно за изградби, доградби или надградби на куќи, помошни објекти, огради и за собирање на земјоделски производи на нивите, посочи Јосифовски.