Свет
2. August 2015 - 13:15

Во Перу ослободени 54 луѓе по повеќе децениско заробеништво

Перуанските безбедносни сили во петокот спасија 54 луѓе од заробеништво на бунтовничката група „Светла стаза“. Меѓу ослободените има и деца, објавија денеска медиумите во Перу.

Шефот на антитерористичката полиција генерал Хосе Баеља изјави дека некои од ослободените биле во заробеништво од 20 до 30 години. Тие во најголем број се домородци од групата Ашанинка од Пуерто Окопа и околните градови.

Генерал Баеља посочи дека жените биле користени за да раѓаат деца-војници за герилците и да работаат по полињата. Најстарото од 34. деца има 14 години.

Заробениците живееле во различни логори во местото познато како Сектор пет во провинцијата Хунин.

Двајца млади дезертери од Светла стаза кои побегнале од логор ја алармирале полицијата. Од такви кампови мината година беа спасени вкупно 70 луѓе.

Според аналитичарите Светла стаза нема повеќе од 200 борци. Групата последните години значително е ослабена откако е уапсен главниот командант Артемио во 2013 година, а следната година се убиени двајца лидери.

Последното засолниште на Светла стаза беше во близина на главниот перуански регион за производство на кокаин - долината Апуримак, Ене и долината на реката Мантаро.

Минатата година двајца лидери на Светла стаза, браќата Виктор и Хорхе Киспе Паломино беа обвинети во САД поради здружување со нарко тероризмот.