Македонија
17. August 2017 - 14:20

Во Општина Зрновци изградени три полски патни правци

За полесен пристап на населението до земјоделските површини во атарот на селата Зрновци, Мородвис и Видовиште, општина Зрновци реализираше три значајни полски патни правци, во вкупна должина од над 3 км.

Првиот  изграден полски пат за полесен пристап до земјоделските површини е реализиран во атарот на село Зрновци во должина од 1,8 км за што се инвестирани средства во висина од 1 милион и 100 илјади денари, обезбедени од Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

- Изградивме и асфалтиравме и локален полски пат во село Мородвис до местото викано „Друм“во должина од 750 метри и широчина од 3,5 мтери пропратено со канали за одводнување. За ова се инвестирани 3 милиони и 800 илјади денари средства кои општината ги доби од Бирото за развој, изјави градоначалникот Блаже Станков.

Воедно, Станков информираше и за изградбата и асфалтирањето на полскиот пат од месноста викана „Зрновски гумиња“ до месноста „Раскрсница“ за што се инвестирани 1 милион и 400 илјади денари од буџетот на општината.

Општина Зрновци изработи и техничка документација за уште два полски пата. Едниот е од фудбалското игралиште во Зрновци до местото викано „Малеово“, со должина од 1.200 метри и полскиот пат во село Видовиште од местото викано „Оризни гумна“ до местото викано „Друмот“ во должина од 800 метри. Овие два пата се очекува да бидат реализирани во наредниот период.