Бизнис
25. November 2015 - 20:01

Во Општина Илинден: Домашна инвестиција во фабрика од 6,9 милиони евра и 90 вработувања

Шест и пол милиони евра е најновата инвестиција што се реализира во општина Илинден. По една година изградба денеска официјално беше отворена новата фабрика „Гранд фуд корпорејшн“ Скопје за производство на кроасани.

Официјалниот почеток го означија сопствениците на компанијата, вицепремиерот и министер за финансии Зоран Ставрески и градоначалникот на Општина Илинден Жика Стојановски.

Вицепремиерот Ставрески на отворањето истакна дека целта и на централната и на локалната власт е да даде поддршка на вакви успешни бизниси и посочи дека Владата работи на создавање поволна бизнис клима.

Новата инвестиција ќе отвори 90 нови работни места и според вицепремиерот ваквите семејни бизниси се креатори на најголем број нови работни места.

Градоначалникот Стојановски истакна дека ова е една од најголемите инвестиции во општина Илинден која како и другите придонесува за локален економски развој и за нови работни места.

Сопственикот и основачот на „Гранд експорт“ од Скопје Стојмен Јордановски истакна дека почетоците на оваа успешна семејна приказна почнуваат пред 25 години и изрази задоволство што нивната визија станала реалност.

Главниот извршен директор на „Гранд фуд корпорејшн“ Горан Јордановски истакна дека станува збор за комплетно сопствена инвестиција и дека според инсталираниот капацитет е најголема фабрика за производство на кроасани во овој дел на Европа.

Фабриката се простира на површина од 6.000 метри квадратни, вградена е современа технологија, а производството ќе биде наменето за македонскиот пазар, соседните земји и ЕУ.

Компанијата „Гранд експорт“ како продажно дистрибутивна компанија на македонскиот пазар е присутна од почетокот на 1992 година.