Бизнис
1. January 2018 - 16:28

Во новата година со нова повисока цена на дизелот

Новата година стартуваше со поскапен дизел и екстра лесно масло за домаќинствата. Цената  на нафтата од ноќеска на полноќ изнесува 58 и пол денари за литар. Ќе се зголеми и цената на водата во некои општини а по најавите за воведување на мерачите на потрошена топлинска енергија,можно е да поскапи и парното. Граѓаните коментираат дека веќе има зголемување на цените на прехранбените продукти низ продавниците.

Владата неочекувано и без претходна најава во ноември ја објави одлуката за зголемување на нафтената акциза. Одлуката ја правдаше со образложение дека ќе се намали употребата на дизел горивото а со тоа и загадувањето на животната средина. Собраните приходи пак, ќе се искористат за реализација на капитални проекти. Но, кога првиот финансиер ја објави намерата имаше бурни реакции во јавноста, кои сепак не ги спречија надлежните да го реализираат планот.

Освен мнозинството граѓани дизел возила користат и најголем дел од компаниите во земјава.Ќе се зголемат нивните трошоци а со тоа и цените на нивните производи и услуги. Единствено за земјоделците Владата најави зелена поевтина нафта. Но се уште не се знае кога ќе почне нејзината примена.

Од нафтената акциза во државната каса ќе се обезбедат дополнителни 30 милиони евра .