Свет
16. February 2018 - 8:36

Во Њујорк уапсени две лица кои поседувале експлозивен материјал

Двајца браќа близнаци се уапсени во Њујорк откако полицијата откри околу 15 килограми експлозивен материјал во нивниот стан.

Федералното обвинителство на Менхетн соопшти дека едниот брат, 27-годишниот професор Кристијан Торо, бил под надзор откако во декември, во гимназијата каде работел била испратена дојава за бомба. Кон крајот на јануари, професорот ја напуштил работата, а неговиот брат Тејлор Торо во училиштето го вратил неговиот службен лап-топ, во кој биле пронајдени инструкции за изработка на експлозивна направа.

Според истрагата на њујоршката полиција и ФБИ, најмалку двајца ученици пријавиле дека Кристијан Торо им плаќал по 50 долари на час за да складираат барут извлечен од петарди.

Вчера полицијата изврши претрес во станот на близнаците, каде биле пронајдени 15 килограми експлозивен материјал кој може да биде искористен како калиев нитрат, барут и метални топчиња. Во станот во Бронкс пронајден е и тефтер на Торо, со потенцијално заканувачки реченици како „Кога ќе пристигне полната Месечина, малите луѓе ќе го препознаат теророт“.

Градоначалникот на Њујорк Бил де Блазио изјави дека не постоела непосредна закана, но дополни дека истрагата „веројатно спасила многу животи“.