Македонија
25. April 2016 - 16:23

Во кумановскиот театар премиерно претставата „Ревизор“

Кумановскиот театар в среда на 27 април премиерно ќе ја изведе претставата „Ревизор“ по текст на Николај Васиљевич Гогољ а во режија на Андреј Цветановски.
 
Текстот на Гогољ, иако напишан пред 150 години, се уште е актуелен, рече на денешната прес-конференција режисерот Цветановски и посочи дека во преставата се зборува за човековата потреба за моќ и стравот од стегите на општеството кое ги наметнува.
 
- Овој тескт е толку битен што ако треба да се одберат десет книги кои треба да се закопаат и после следната цивилизација да ги најде, една од тие книги е Ревизор, рече Цветановски.
 
Според него, значајно е секој театар во својот репертоар да ги вклучи класиците,кои зборуваат за актуелни теми.
 
Актерите кои играат во претставата се надеваат дека ќе биде интересна за кумановската публика.
 
Горан Илиќ, кој ја игра улогата на градоначалникот, вели дека е задоволство што игра со толку млада екипа.Тој додава дека во денешно време речиси сите се преокупирани со политика,така што многу полесно се влегува во суштината на она што значи власт и моќ.
 
Актерот Мирослав Петковиќ рече дека по две години повторно игра во престава и оти ја толкува улогата на судијата,Љапкин Такин,типичен пример за службеник.
 
Улогата на ќерката на градоначалникот во претставата ја игра Александра Михајловска, која потенцира дека со леснотија работеле на такво значајно дело како што е „Ревизор“
 
Во „Ревизор“ играат и Кети Дончевска – Илиќ,Марко Трајковиќ , Владо Дојчиноски, Милош Стојковиќ, Никола Наковски, Мартин Манев и Горан Ников. Сценографијата е на Сергеј Светозарев, костимографијата на Александар Рашковиќ, композитор е Димитар Андоновски и драматург е Зоран Зафировски.