Македонија
22. April 2016 - 13:24

Во кумановската библиотека одбележан Светскиот ден на книгата

Во кумановската библиотека „Тане Георгиевски“ денеска беше одбележан 23 Април - Светскиот ден на книгата и авторското право кој годинава се одбележува 21-ви пат.
 
Читателите кои денеска ја посетија библиотеката добија цвет и книга. 
 
Во библиотеката денеска беа презентирани и пораките што по повод овој ден ги испраќаат Генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова и на национално ниво, Љубиша Георгиевски, во кои се потенцира моќта и значењето на книгата, што се таа може да постигне и колку голем придонес има овој најмоќен медиум на сите времиња, за секој поединец.
 
Во пораката на Бокова се вели дека книгата е врска меѓу минатото и иднината.
 
- Таа е мост меѓу генерациите и културите. Таа е посредник меѓу создавањето и споделувањето на мудроста и знаењето,а се нагласува дека и во овие бурни времиња, книгите сведочат за човечките капацитети да создаваат реални и имагинарни светови и да пренесуваат пораки за разбирање, дијалог и толеранција, стои во пораката.
 
Во пораката по повод Светскиот ден на книгата, Љубиша Георгиевски истакнува дека за да стане судбина, историјата мора да се легитимира минувајќи низ книжевноста и обратно, за да се легитимира книжевноста, мора да се мине низ историјата.
 
Надлежните од кумановската библиотека постојано во текот на годината  на различни начини ја популаризираат книгата меѓу кумановци.
 
- На секој начин се обидуваме да ја популаризираме книгата меѓу читателската јавност и мислам дека успеваме во оваа намера, изјави директорот на библиотеката, Марјан Петковски.
 
Во таа насока, додаде тој, три пати годишно се набавуваат книги од кои во два наврати белетристика и стручна литература, а еднаш годишно лектири за учениците.
 
- На овој начин настојуваме да го задоволиме различниот вкус на читателите, изјави Петковски.
 
Кумановската библиотека располага со книжен фонд од околу 200.000 книги. Околу 4.500 кумановци се редовни корисници и членови на библиотеката кои редовно зајмуваат книга. Дневно на одделот за возрасни поминуваат околу 150 читатели, додека на детскиот оддел, книги зајмуваат околу 80-тина читатели.Најголем број од читателите се средношколци и студенти кои користат лектири и стручна лиетаратура, но значителен е процентот на кумановци од средната генерација кои зајмуваат белетристика, различни жанрови, љубовни, криминалистички, трилери, научна фантастика.
 
Кумановската библиотека редовно организира и промоции на книги, така што наредната е книгата „Црно на бело“ од познатата македонска писателка – поет и прозеист, Лидија Димковска,која ќе се одржи во на 25 април,понеделник со почеток во 19 часот.
 
Инаку, УНЕСКО одлучи овој ден првпат во 1995 годинаден да им го посвети на книгите и авторит. Се смета дека 23 Април е земен како повод, бидејќи на тој ден во 1616 година починале двајцата великани на светската книжевност,Мигуел де Сервантес и Вилијам Шекспир.