Македонија
13. September 2017 - 14:34

Во Крива Паланка утре почнува Меѓународниот театарски фестивал Св. Јоаким Осоговски

Од утре до 22 септември Крива Паланка ќе живее во духот на театарската уметност. Утре вечер, со изложба на театарска фотографија од Љупчо Илиевски, насловена „Припитомување на крикот“ ќе отпочне фестивалска програма на 9-от Интернационален театарски фестивал Св.Јоаким Осоговски.

Изложбата ќе се одржи во уметничката галерија на Локална установа Градски музеј, а официјалното отворање на фестивалот е закажано за 20 часот, кога пред Национална установа Центар за култура во градот ќе биде интонирана фестивалската химна и ќе се крене фестивалското знаме.

На сцената во кривопаланечкиот центар за култура во девет фестивалски вечери ќе настапат осум театарски ансамбли од Македонија, Хрватска, Србија и Бугарија, информира градоначалникот на Крива Паланка, Арсенчо Алексовски.

Тој повика граѓаните да ги проследат претставите и да уживаат во програмата која ќе понуди исклучиво комедии.

Првата вечер, 14 септември, ќе настапи Народен театар Охрид, со претставата „ Аналфабет“, додека во петок, во ЛУ Градски Музеј ќе се одржи промоција на зборник „Бугарската драма и театар во Македонија“ , со трудови од научнито симпозиум одржан во рамки на фестивалот лани и промоција на зборник на „Германската драма и театар во Македонија“ со трудови од научен симпозиум Куманово 2016 година.

Во петок вечер настапува општински народен театар „Невена Коканова“, Дупница, Бугарија, со претставата „ Ама, тоа семејство“. Во сабота, 16 септември, во ЛУ Градски Музеј ќе се одржи промоција на книга поезија „Истиот“, на Симон Грабовац, а вечерта настапува Народен театар Нови Сад, Србија, со „9 “, а во недела на програмата е „Реалити пресметка“ на Уметничка работилница „Призор“ од Белград.

Во понеделник, 18 септември во ЛУ Градски Музеј ќе има промоција на „Креативна бурлеска“ на Јoана Шишкова,а вечерта настапува Градски етатар „Јоза Ивакиќ“ од Винковци, Хрватска со „Во бабино гнездо“. На 19-ти Народен театар „Јордан Хаџиконстантинов - Џинот“, Велес со „Синиот портокал“, на 20-ти Народен театар Лесковац, Србија со „Мушичка“. Во четврток, 21 септември настапува Народен театар при народно читалиште „Отец Пајсиј 1919 – Сандански“, Бугарија, со „Мамут“, а фестивалот ќе се затвори со „Го играме Чехов“, копродукција на НУ Центар за култура, Крива Паланка и Центар за аудиовизуелни уметности, Крива Паланка и Младински центар, Благоевград, Бугарија.

Сите фестивалски вечери почнуваат во 20 часот, влезниците ќе бидат по симболична сума од 50 денари, а собраните средства ќе бидат донирани во хуманитарни цели.