Македонија
21. February 2017 - 11:57

Во Кавадарци откриени шест нови случаи на рак на дојка

Во шест случаи е потврдено малигно заболување, а дваесет и седум сомнителни случаи се препратени на дополнителни испитувања, од вкупно 500 пациенти кои биле прегледани со новиот мамограф, кој во кавадаречката Општа болница започна да работи од 21 септември минатата година.

Директорот на болницата Орцо Ангеловски денеска информираше дека кај шесте пациентки со дијагностициран карцином, болеста била откриена во подоцнежна фаза, најверојатно поради нередовни контроли.

- Кај дваесет и седумте сомнителни случаи пак, веројатно станува збор за почетен стадиум на болеста, а во такви околности шансите за успешно лекување се големи, нагласи Ангеловски.

И едните и другите се упатени на дополнителни испитувања и лекување.

Пред шест месеци, Кавадарци за прв пат доби мамограф, а десетици илјади пациенти од неколку општини можат да бидат прегледани. Пациентите од неколку општини од Тиквешијата, претходно за ваква здравствена услуга патуваа до Велес, Неготино или Скопје.