Балкан
28. May 2017 - 14:21

Во истрагата за обидот за преврат во Турција досега во притвор вкупно 50.136 лица

Во рамките на огромната истрага, преземена по обидот за преврат во Турција, што беше изведен на 15 јули минатага година, досега се притворени вкупно 50.136 осомничени лица, соопшти весникот „Милиет“, повикувајќи се на податоци на Министерството за правда.

Турските власти ја обвинуваат терористичката организација (ФЕТО), на исламскиот проповедник Фетулах Ѓулен, кој живее во САД, за организирање на обидот за преврат.

Според податоците на Министерството за правда, за десетте месеци истрага по обидот за преврат преземени се судски дејствија против вкупно 154. 694 лица, од кои 50.136 сега се наоѓаат во притвор.

Меѓу притворените има 2. 431 судии и обвинители, 104 службеници на Касацискиот суд, 41 службеници на Државниот совет (Високиот административен суд), двајца членови на Уставниот суд, тројца членови на Високиот совет на судии и обвинители, 6.982 воени лица, меѓу кои 167 генерали, 8.816 полицајци, 23 валии, 72 заменици валии, 112 околиски управници, 32.550 државни службеници и цивили.

Во рамки на истрагата 45.708 од притворените лица се ослободени, а потоа ставени под судска контрола, а други 12.753 се ослободени по завршување на судските постапки. Освен тоа. по изведената проценка на доказите ослободени се и 7.430 осомничени, кои биле затворени во рамки на истрагата, а 7.122 од нив се ставени под судска контрола.

Истовремено, турските власти трагаат по вкупно 7.112 лица, осомничени за врски со ФЕТО, меѓу кои 21 судии и обвинители, шестмина членови на Државниот совет,  25 членови на Касацискиот суд, 137 воени лица, 369 полицајци, тројца заменици валии, осум околиски управници и 6 353 државни службеници и цивили.