Балкан
29. November 2017 - 9:38

Во Хаг ќе биде изречена пресудата за „Херцег-Босна“ и за злосторства врз муслиманите

Хашкиот трибунал денеска ќе ја изрече второстепената пресуда во случајот „Прлиќ“, од која зависи дали некогашниот државен врв на Хрватска ќе биде правосилно прогласен за одговорен за учество во заедничко злосторство над муслиманите во таканаречената „Херцег-Босна“.

Доколку Жалбениот совет на Трибуналот ја потврди првостепената одлука, тоа би била прва пресуда со која на хрватскиот политички и воен врв му се припишува одговорност за „заедничко злосторничко дејствување“.

Станува збор за случај за кој со првостепена пресуда на Трибуналот во 2013 година шестмина поранешни високи функционери на таканаречената република „Херцег-Босна“ и Хрватскиот совет за одбрана (ХВО) се осудени на вкупно 111 години затвор поради злосторство врз муслиманите во Босна и Херцеговина во рамки на „здружено злосторничко дејствување“, во кое учествувал и дел од политичкиот и воениот врв на Хрватска, вклучувајќи го и претседателот Фрањо Туѓман.
          
Во март оваа година, Обвинителството на Хашкиот трибунал побара од Жалбениот совет да им изрече двојно поголема казна и правосилно да ги осуди на вкупно 220 години затвор. 
        
Хашкиот трибунал претходно соопшти дека овој случај е „најголем и најкомплициран пред тој суд“.

Судењето почна на 26 април 2006 година, а Обвинителството заврши со претставување на своите докази од 2008 во 2010 година кога беа сослушани 249 сведоци.       

Одбраната своите докази ги претставуваше од 2008 до 2010 година кога беа сослушани вкупно 77 сведоци.

Пресудата, која е изречена на 29 мај во 2013 година, има повеќе од 2.600 страници, вклучувајќи и издвоени мислења на двајца судии. 

Оваа одлука ќе биде последна пресуда на Трибуналот, кој денеска ќе ја заврши својата 24-годишна работа.