Балкан
29. May 2017 - 8:51

Во Грција пресретната пакет-бомба адресирана до фирма во Милано

Пратка што содржела експлозива направа, адресирана до консултантска фирма од италијанскиот град Милано, била откриена и деактивирана во Грција, објави миланскиот весник „Кориере дела Сера“. 

Весникот, повикувајќи се на извори во грчката полиција, наведува дека пакетот-бомба бил откриен во Атина и воопшто не бил упатен на посочената адреса.

Пакетот бил откриан во текот на март, неколку дена откако слични пратки од Грција пристигнаа на адресите на германскиот министер за финансии Волфганг Шојбле и до канцеларијата на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ) во Париз, за кои одговорност презеде грчката екстремистилка организација Заговор на огнените јадра.

„Кориере дела Сера“ наведува дека инфорамцијата за настанот се објавува дури сега затоа што италијанската полиција решила да отпочне истрага против организацијата Заговор на огнените јадра, која одржува „постојани врски со Италија“, пред се со групата Неформална анархистичка федерација (ФАИ).

Весникот посочува дека не е исклучено во текот на следниот месец Заговорот на огнените јадра да испрати пакет-бомби и на други адреси.