Македонија
18. January 2017 - 16:28

Во црквата Богородица во тетовско Горно Маало денеска се одржа традиционалната прослава на празникот Водокрст

Во Тетово, традиционално во пресрет на Водици, се одбележа празникот Водокрст, што се смета за подготвителен ден пред Богојавление со осветување и спуштање на осветен крст во базенот на црквата Света Богородица. Крстот се обидоа да го фатат тројца млади верници, а најсреќен беше 22-годишниот Милан Михајлов од Тетово.

-Ова ми е трето учество на Водокрст, а за прв пат успевам да го фатам крстот.  Посакувам фаќањето на крстот да ми донесе среќа, здравје, мир и бериќет како на мене и семејството така и на сите, изјави 22 годишниот студент Милан.

Во православниот храм Света Богородица во Тетово по повод празникот Водокрст, се отслужи света Божествена Архиерејска литургија, на која чиноначалствуваше митрополитот на тетовско-гостиварската епархија господин Јосиф.  

Традицијата крстот да се спушта на празникот Водокрст во црквата Света Богородица е востановена во 1987 година.