Македонија
21. April 2017 - 13:10

Во Брисел задутре европска премиера на драмскиот проект „Дениција“

Драмската презентација на историската поема „Дениција“ на великанот на македонската книжевност Петре М. Андреевски на 23 април ќе ја има својата европска премиера.

Театарската корео-драма ќе биде изведена во кабаре-театарот „Ос а Моел“ во Брисел, во рамки на фестивалот „Балкан трафик“.

Станува збор за копродукциски проект на Народниот театар од Охрид и Театарот „Ici et la“ од Париз, што премиерно беше изведен на 4 декември минатата година во Скопје, на десетгодишнината од смртта на академик Петре М. Андреевски (1943-2006).

Претставата е веќе најавена на интернет-страницата на бриселскиот фестивал, како „љубовен молотов коктел од Македонија“, и според информациите веќе постои голем интерес кај публиката во европската престолнина.

Во несекојдневниот театарски потфат на режисерот Константин Плевнеш, кој е воедно автор на оригиналната музика, во улогата на Петре М. Андреевски настапува првенецот на Драмскиот театар Рубенс Муратовски, во улогата на Дениција – младата актерка Димитрина Мицкоска, а во улогата на божицата Талија, Саша Ефтимова од МОБ.

Сценографијата е на Валентин Светозарев, костимографијата е на Марија Пупучевска, видео-арт Милчо Узунов, додека уметнички советник е Флориан Габер. Во рамки на претставата користени се и пет слики на Сергеј Андреевски на тема „Дениција“.