Свет
24. March 2016 - 8:43

Во Брисел нападнат адвокатот на Салах Абдеслам

Во вторникот во Брисел бил нападнат Свен Мари, адвокатот на до неодамна најбараниот терорист во Европа, Салах Абдеслам, кој учествуваше во извршувањето на терористичките напади во Париз во ноември минатата година, кога загинаа 137 лица, а кој минатата недела беше уапсен во бриселската населба Форест.

Како што јави дописникот на МИА од Брисел, непознато лице се обидело да го удри и жестоко го навредувал Мари, обвиненувајќи го дека го брани „најголемиот терорист“, објави весникот „Соар“.

Според адвокатот на Абдеслам, тој дживеал психичка тортура од непознатото лице. Во изјава за „Соар“, Мари вели дека на одреден период тој морал да ја затвори својата адвокатска канцеларија за да ја зачува безбедноста на своите вработени.

Исто така, адвокатот признал за весникот дека изминатиот период добил стотици навредливи пораки затоа што го брани Абдеслам, кој според последните информации од истрагата, дефинитивно учествувал во организацијата и на завчерашните терористички напади во Брисел, каде во напади на аеродромот „Завентем“ и на метро станицата Малбек, животите ги загубија повеќе од 30 лица, а најмалку 250 други се ранети.

Весникот „Соар“ објави и дека Свен Мари не ја прифатил понудата од полицијата за негова заштита, но додал дека да знаел за терористичките напади во Брисел, „најверојатно никогаш“ нема да се нафати да го брани Салах Абдеслам.