Свет
20. August 2015 - 11:08

Во бомбашкиот напад во Каиро најмалку 29 повредени

Најмалку 29 лица се ранети, од кои шестмина се полицајци, во експлозијата на автомобил бомба кај една од зградите на службата за безбедност и судот во северното предградие на Каиро, Шубра ал-Каими, јавија светските агенции, повикувајќи се на безбедносни извори.

Властите наведуваат дека експлозивната направа со голем капацитет била детонирана од далечина.

Од детонацијата е оштетена фасадата на зградата, а на местото на експлозијата веќе се наоѓаат противпожарни екипи, итна помош и полиција.

Од експлозијата е направен голем кратер, а околните автомобили се изгорени, наведуваат британските медиуми.

Според твитови на Твитер, експлозијата се слушнала во неколку делови на главниот град на Египет.

Сопственикот на една продавница изјавил дека видел кога еден маж  го паркира својот автомобил, што подоцна експлодирал.

Засега никој не ја презеде одговорноста за нападот.

Кон крајот на јуни и почетокот на јули во Каиро се случија два терористички напада, во јули кај конзулатот на Италија за кој одговорноста ја презеде Исламска држава, а во јуни имаше екплозија кај претседателската палата.

Британските медиуми потсетуваат дека одговорноста за нападите врз безбедносните сили претходно ја преземаа екстремистите стационирани на полуостровот Синај, приврзаници на ИД, која контролира големи делови од Ирак и Сирија, а присутна е и на територијата на Либија.