Македонија
9. January 2018 - 13:51

Во Атина средба Османи - Коѕијас

Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи, кој е во посета на Атина, денеска се сретна со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас. 

Грчкото Министерство за надворешни работи на официјалниот твитер профил, објави слики од средбата на Коѕијас со Османи. Како што јави дописникот на МИА од Атина, предвидено е, според официјалната најава, шефот на грчката дипломатија и вицепремиерот за европски прашања да имаат работен ручек. 

Османи Атина

Претходно, Османи имаше тет-а-тет средба со алтернативниот министер за надворешни работи Јоргос Катругалос. 

Двете средби се затворени за новинарите и не е предвидена прес-конференција за медиумите.

Вицепремиерот Османи, од хотелот каде што престојува, дојде пеш до една од зградите на Министерството за надворешни работи на Грција, каде што и ја имаше првата средба со Катругалос.

Османи и Катругалос

Од рано утрото, македонското знаме е развиорено на централната зграда на грчкото МНР.

Според најавите во пресрет на посетата на Османи на Атина, на средбите со Коѕијас и Катругалос ќе бидат отворени прашањата поврзани со европските интеграции на Република Македонија и теми од заеднички интерес.

МНР грчко знаме

Османи во интервју за Независната балканска новинска агенција-ИБНА, изјави дека посетата е во насока на градење на довербата меѓу Скопје и Атина оти само во таква атмосфера е можно да се направи обид за изнаоѓање заедничко прифатливо решение околу разликите за името. Повтори дека наредните шест месеци претставуваат историска шанса за Република Македонија да направи сериозен исчекор во однос на евроатлнтските перспективи. 

Грчките медиуми, посетата на Османи, пак, ја коментираат како прва точка од јануарските предвидени активности околу прашањето со името.