Македонија
29. December 2016 - 16:20

Внимателно со храната и алкохолот на новогодишните прослави

Една до две чашки алкохол за Среќна Нова Година. Пиењето да биде задолжително во комбинација со храна. Клиничките токсиколози советуваат на умерено консумирање на жестоки пијалоци и храна за добар помин на празниците. За најавите дека новогодишната ноќ ќе ја дочекаме на десетина степени под нулата, од Токсикологија предупредуваат дека и мала количина алкохол може да доведе до премрзнување или други здравствени проблеми. 

-Сите кои се препиле да бидат донесени на Токсикологија за да добијат соодветна помош. Никако останатите сами да не им помагаат бидејќи во тие случаи може да биде постигнат спротивен ефект. Секој рзлично поднесува алкохол, некој може со една чашка за заврши тука...Над 2,5 промили алкохол во крвта е веќе сериозна закана која може да биде и смртоносна, вели Андон Чибишев, клинички токсиколог

  Три до четири часа е најкраткиот период  на Токсикологија за детоксикација на организмот од препивање. Токсиколозите  велат дека нема научни докази за штетноста од пиење на  ракија, па продолжување со вино и на крај  друг жесток пијалок.  Но  алармираат дека е опасна  комбинацијата на седативи со алкохол.

-Апелирам, посебно до младите никако да не пијат седативи и алкохол бидејќи тоа е смртоносна комбинација , вели Чибишев

Чибишев од своето долгогодишно искуство се уште се сеќава на случајот со млада девојка која во кома била донесена на Клиника. За три часа испила цело шише ракија и лекарите едвај ја спасиле. Според последните истражувања на светските токсиколози, ваквите дози се смртоносни.