Македонија
7. јуни 2017 - 8:46

ВМРО-ДПМНЕ:Владата на СДС во буџетот доби 130 милиони евра

ВМРО-ДПМНЕ ја демантира изјавата на премиерот Зоран Заев во синоќешното интервју со уредници на медиуми дека во буџетот се останати шест милиoни евра и дека јавниот долг е над 50 проценти од БДП. 

- Заев излажа дека во буџетот се останати само 6 милиони евра. Неговиот министер за финансии се пофали дека на 5 јуни се исплатени околу 77 милиони евра од буџетот на име на субвенции, стипендии и пензии. Вистината е дека новата Влада на СДС во буџетот доби 130 милиони евра, освен ако Заев не сакаше несвесно да признае дека 124 милиони евра мистериозно исчезнале, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ. 

Неточен, според партијата, е и податокот на Заев дека јавниот долг изнесувал над 50 проценти од БДП, а дека скриениот долг изнесувал над милијарда евра.

- Фактичката состојба гласи дека јавниот долг на 30 април година изнесувал 45,9 отсто. Со овие паушални бројки и лаги, Заев и практично го загрозува кредитниот рејтинг на Република Македонија и ризикува кредиторите во иднина да бараат повисоки каматни стапки, наведува ВМРО-ДПМНЕ, оценувајќи дека Заев манипулира и дезинформира наместо да ги исполнува ветувањата што ги дал пред избори. 

Опозициската партија демантира и дека со Заев разговарале на темата амнестија. - Заев лажеше дека кој било од ВМРО-ДПМНЕ во разговорите со СДС побарал каква било амнестија, соопшти ВМРО-ДПМНЕ и наведува дека Заев „ги релативизира сите прашања и бега од конкретни одговори и одговорност“.