Македонија
26. јуни 2017 - 16:25

ВМРО-ДПМНЕ: Зошто СДСМ не се огради од активистот на Шарената револуција?

СДС трети ден не се дистанцира од ставовите на  учесникот на „шарената револуција“ Никола Шиндре, искажани преку колумна која наиде на поддршка кај одреден број на учесници на „шарената револуција“ и поддржувачи на СДС, во која се релативизира педофилијата и повикува на омекнување на законските санкции кон педофилите, изјави на денешната прес-конференција Невена Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.

-Јавноста е згрозена од основната цел и теза на натписот „Во одбрана на најмаргинализираните сексуални заедници – децата кои сакаат да имаат секс и децата кои сакаат да имаат секс со возрасни“. Не осудувањето на ставовите за поддршка за педофилијата од страна СДС значи прифаќање на ваквите ставови. ВМРО-ДПМНЕ нема да дозволи ниту еден чекор кој ќе значи намалување на казните за педофилија. Ваквиот став мора да се осуди. Осуда и потврда за ставот околу казнивоста на педофилијата очекуваме и од останатите политички и општествени субјекти во Република Македонија. СДС како политичка партија која ја води Владата на Република Македонија, мора да се дистанцира од ваквите ставови на Шиндре и неговите поддржувачи од „шарената револуција“ Кочо Андоновски, Румена Бужаровска, Ирена Цветковиќ, но и новинарка Билјана Секуловска. ВМРО-ДПМНЕ силно се спротивставува на обидите да се релативизира педофилијата и да се омекне законската санкција за истата. Педофилијата е опасност за општеството, го загрозува животот и безбедноста на децата, но и на сите нас. Истата има несогледливи последици за понатамошниот раст и развој на децата жртви на истата. Педофилите се зло кое државата е должна да го сузбие, за таа цел Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ состави регистар на педофили со што и овозможи на јавноста да се информира за лицата кои претставуваат опасност за нашите деца. Децата, семејството и семејните вредности мора да бидат заштитени од нападот на неморалот. Уште еднаш го повикуваме Алаѓозоски јавно да ги осуди ваквите ставови и во иднина како министер за култура на Република Македонија да учествува и да поддржува настани кои одат во прилог на поголема културна едукација и развој на граѓаните, а не настани на кои како говорници се јавуваат луѓе со искривени морални сфаќања, рече Стаменковска.