Македонија
21. January 2017 - 14:50

ВМРО-ДПМНЕ: Жерновски сомнително ги троши парите на граѓаните

ВМРО-ДПМНЕ денеска го обвини градоначалникот на општина Центар Андреј Жерновски за недомаќинско и сомнително трошење на парите на граѓаните на оваа општина. 

- Жерновски за преуредување на две улички со вкупна површина од 6.000 метри квадратни потроши неверојатни 1.2 милиони евра пари на граѓаните на Општина Центар. Местото на кое моментално се наоѓаме „Сквер Јадран“ е едно од омилените на Жерновски каде ги организира своите новогодишни прослави. Сквер Јадран беше уреден во 2012 година од страна на ВМРО-ДПМНЕ и е со иста површина од 6000 метри квадратни како и боемеските улици на Жерновски, но ја чинеше Општината Центар многукратно поевтино, односно околу 800 000 евра. Разликата е неверојатни 400 000 евра, рече Илија Илијовски, претседател на ОК на ВМРО-ДПМНЕ Центар и советник во оваа општина.

Според него, во рамки на прокетот Сквер Јадран биле извршени градежни зафати на повеќе делови и улици и тоа улиците „Никола Кљусев“, „Наум Наумовски Борче“ и „Осма ударна бригада". Коловозот бил заменет со коцки од вештачки гранит, а од двете негови страни биле изградени широки тротоари поплочени со вештачки гранит. На целиот сквер биле поставени 77 големи и 40 мали мермерни жардиниери, меѓу кои биле поставени и дрвени клупи.

- Овој дел од градот стана вистинска атракција како за грѓаните на Центар така и за бизнисмените и банкарите, а ја чинеше Општина Центар речиси 400.000 евра помалку од двете улички на Андреј Жерновски. Додека пак Жерновски за преуредување на само 2 улички од 370 метри потроши неверојатни 1.2 милиони евра пари на граѓаните. Очигледно, Жерновски нешто крие или пак се работи за сомнителни бизнис зделки, рече тој.

Додаде дека Жерновски ќе остане запаметен како градоначалник кој не направил ништо корисно за граѓаните, освен двете боемски улици од над 1.2 милиони евра за, како што истакна, да си ужива самиот на нив, поради што граѓаните на пролет ќе стават крај на неговото владеење.