Македонија
27. јуни 2017 - 17:14

ВМРО-ДПМНЕ: Зголемувањето на даноците ќе значи крах за економијата

 Зголемувањето на даноците според планот на министерот Драган Тевдовски и СДСМ од 10 на 18 отсто ќе значи крах на економскиот и финансискиот систем во Република Македонија, предупреди денеска ВМРО-ДПМНЕ.

Како што рече пратеничката Лилјана Кузмановска на прес-конференција, со зголемувањето на даноците ќе надвладеат даночната евазија и сивата економија, а домашните компании ќе станат неконкурентни, ќе бидат принудени да отпуштаат работници и ќе се зголеми невработеноста како пред 2006 година.

- СДС и покрај нашите укажувања, не се откажува од зголемувањето на даноците. Очигледно не ја научи лекцијата, имајќи ги предвид неколкуте неуспешни обиди од пред 2006 година за зголемување на данокот на 15, 18 и 24 проценти кои ја втурнаа државата во пропаст, истакна Кузмановска.

Според неа, со зголемувањето на даноците СДСМ директно задира во џебот на граѓаните и ги брка странските инвеститори.

- Економијата не смее да трпи заради незнаењето и неспособноста на Социјалдемократскиот сојуз. Мораме да апелираме на загриженост и да ги известиме граѓаните дека со ваквата антиреформска мерка ќе има сериозно поскапување на продуктите за домашните потреби, на лебот, прехранбената индустрија, угостителските услуги и услужните дејности, со еден збор, на среден рок ќе се случи домино ефект во покачување на цените и постои многу сериозна опасност од инфлација. Како држава ќе станеме и неатрактивни за водење бизнис, а граѓаните се повеќе ќе осиромашуваат, посочи Кузмановска.

Зголемувањето на даноците, додаде, ќе значи и сериозен удар врз приватниот сектор, ќе се намали интересот за инвестирање и Македонија ќе падне на дното на листата на Дуинг Бизнис.

- Ваквиот начин на функционирање поради намалување на  инвестициите ќе го намали и извозот на странските компании кој опфаќа  поголем дел од извозот во државата. Голем дел од граѓаните кои поседуваат капитал, кои благодарение на политиките на ВМРО-ДПМНЕ го вратија во Република Македонија,  ќе бидат принудени повторно да го изнесат надвор од земјата, предочи пратеничката.