Македонија
16. January 2018 - 16:09

ВМРО-ДПМНЕ: Законот за албанскиот јазик е неуставен - Димовски ќе го оспори законот пред Уставниот суд

Уставниот суд ќе го има последниот збор за законот за јазиците. Првата иницијатива до овој суд веќе ја најави поранешниот координатор на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

И од неговата партија остануваат на ставот дека законот е спротивен на Уставот. Од ВМРО-ДПМНЕ и денеска повторија дека вакво законско решение нема да и донесе добро на Македонија.
Законот за јазиците веќе 5 дена го чека потписот на Претседателот Иванов.

Рокот за шефот на државата истекува во четврток. Доколку тој го искористи правото на вето, може законот заедно со своите забелешки да му го врати на Собранието на повторно разгледување. Во таа фаза пратениците ќе имаат право да поднесат и амандмани на законското решение но тие мора да бидат поврзани со забелешките на Иванов.

Од Кабинетот на Претседателот и денеска молк. Никој од Водно не кажува дали Иванов ќе ја парафира двојазичноста или ќе остане на ставот искажан во годишното обраќање во Собранието дека законот за јазици е опасен за унитарноста на државата.