Македонија
21. July 2017 - 18:43

ВМРО-ДПМНЕ: Заев вработува партиски војници

ВМРО-ДПМНЕ тврди дека вработувањето на партиски војници и послушници не запира и оти тоа со стотици милиони денари во буџетот го плаќаат граѓаните на Република Македонија.

- По кој критериум Заев ја вработи ќерката на Тито Петковски во Владата? Според кој критериум комедијанти се вработуваат на одговорни позиции? Дали е вистина дека во Владата се вработени и лица кои биле предмет на кривичен прогон и во Македонија и во Германија за поседување на големи количини психотропни дроги, праша на денешната прес-конференција Невенка Стаменковска од ВМРО-ДПМНЕ.

Заев, како што рече, вработува комичари во Владата како благодарност за одработувањето за него и СДС во изминатите годините наназад на разни платенички протести и преку проекти спонзорирани од странски фондации.

- Стотици милиони денари од буџетот секоја година на место да се трошат за нови училишта, болници и спортски игралишта, ќе се трошат за партиските вработувања на Зоран Заев и за неговото оддолжување кон партиските војници и профитери кои глумеа граѓански сектор за да дојдат до фотелјата заедно со СДС на власт, рече Стаменковска. 

Според неа, народот не смее да биде доведен во ситуација со стотици милиони денари народни пари да се плаќаат извршители, војници и послушници на Заев кои, како што рече, се дел од планот државата да се претвори во партија, а партијата во држава.

- Граѓаните се во неизвесност за својата иднината и за иднината на државата, гледајќи ги ваквите недемократски и срамни потези на владата на Заев и СДС. За само месец и пол СДС започна да воспоставува режим во Македонија. Но, отпорот од народот ќе го почувствува многу брзо, нагласи Стаменковска.