Македонија
4. January 2017 - 14:32

ВМРО-ДПМНЕ: Заев да си поднесе оставка и да одговара за направениот криминал

Зоран Заев мора да си поднесе неотповиклива оставка и да одговара за криминалот што го има направено. Тоа е најмалку што може да направи политичар кој ја држи СДСМ како заложник на својата кариера, и кој две и пол години ја тормози Македонија со својата деструктивна политика, истакна на денешната прес-конференција Орце Ѓеорѓиевски од ВМРО-ДПМНЕ.

Тој посочи дека Заев мора да си замине, затоа што, вели, ги излажал сопартијците и целата јавност дека ќе си даде оставка доколку загуби на изборите на 11-ти декември, го излажал судот дека имал средба со италијанскиот амбасадор Карло Ромео за да одложи уште едно рочиште, а го понижил и судот и судијата и покажал дека за него не важат македонските закони.

Според него, Заев треба да си поднесе оставка и поради рушењето на угледот на државата и валкањето на угледот на амбасадите кои ги злоупотребувал за да ги избегнува судските рочишта..

- Недозволиво е овој човек да ја злоупотребува својата улога на политичар за да се заканува за реизбор на судии само за да ја спаси својата политичка кариера. Недозволиво е овој човек кој се преставува за политичар да ја злоупотребува својата положба и да влегува од криминал во криминал, од лага во лага, а потоа да се повикува на аболиции, пратенички имунитет или политичко-партиски функции за да избега од правдата. Зоран Заев може да се крие и да бега, ама правдата ќе го стаса, рече Ѓорѓиевски и побара Заев да остане на својот даден збор и да се повлече од политичката сцена после поразот на изборите, бидејќи, вели, веќе е преголем товар за македонското општество.