Бизнис
17. January 2018 - 16:22

ВМРО-ДПМНЕ: За што е наменета разликатa од вредноста кај фирмите на Анѓушев

Кочо Анѓушев е еден од побогатите бизнисмени и трговци во Република Македонија, но во моментов Кочо Анѓушев е и втор човек во македонската влада. Тој добива пари од граѓаните, има огромна моќ, но и голема одговорност. Затоа неговите изјави и потези не смее да се сфатат наивно и несериозно. Тие се практично ставови и чекори на македонската влада. Во идеална ситуација тие мора да бидат на линија на македонските државни и национални интереси, истакна Христијан Делев на денешната прес-конференција на ВМРО-ДПМНЕ.

-Целата јавност беше сведок дека Анѓушев од позицијата вицепремиер срамно лицитираше со имиња за Република Македонија и кажа дека за него е прифатливо промена на името на државата. Тој дури и нафрлаше и имиња Горна, Северна и Нова Македонија, кои како што кажа за него се прифатливи. Набргу по ваквата изјава на вицепремиерот Анѓушев, следеше информација дека грчката државна компанија за производство на електрична енергија ќе ја купува ЕДС на Кочо Анѓушев, информација која ја потврдија и од фирмата на вицепремиерот, рече Делев и додаде:

„Мошне симптоматично е што истовремено додека засилено се одвиваат преговори помеѓу Грција и Република Македонија, во услови кога Заев е убеден дека ќе го реши името, а Анѓушев лицитира со имиња на државата, неговата фирма е предмет на интерес токму на грчкото електростопанство. Кочо Анѓушев мора да ги отстрани сите сомнежи дека продажбата на неговата фирма би се користела за евентуална награда за решавање на спорот за името по волја на Грција. Тој треба да каже на јавноста која е реалната вредност на неговата фирма? Постои сериозна загриженост во јавноста дека разликата од реалната и продажната вредност би можела да биде надомест за промената на името на Македонија?“.

Во минатото, потенцираше тој, имавме сведочење на покојниот Претседател Киро Глигоров во кое тој сведочеше дека и тогаш високи фунционери на СДСМ му нуделе високи финансиски подароци од грчка страна само за да се согласи на промена на името по грчки терк.

-Македонското име и идентитет немаат цена! Јавноста се повеќе ја интересираат овие прашања и очекуваат одговор од Анѓушев. ВМРО-ДПМНЕ потенцира дека нема да се согласи на промена на Уставот со цел промена на уставното име, ниту на решенија кои задираат во македонскиот идентитет и го негираат постоењето на македонскиот јазик и народ.