Македонија
27. April 2017 - 9:56

ВМРО-ДПМНЕ: Со сите демократски средства ќе спречиме формирање параинституции

Насилниот и криминален избор на претседател на Собрание ќе биде вовед во формирање на параинституции, акт кој го посакуваат сите негатори на македонската држава, порачува ВМРО-ДПМНЕ во пишано соопштение до медиумите.

- ВМРО-ДПМНЕ ќе ги употреби сите демократски средства за да се спротистави на ваквите црни, антидржавни сценарија на криминалецот Заев... Народот нема да седи и мирно да гледа како некој ја уништува и ја суспендира демократијата, Уставот и законите. Граѓаните нема да дозволат Македонија да стане двојазична и федерализирана држава. Граѓаните ја сакаат Македонија унитарна и мултиетничка, а не федерализирана држава, на која судбината би и била неизвесна, се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.

Се нагласува дека Зоран Заев ова не го сфаќа и упорно сака да ја реализира тиранската платформа во спротивност со волјата на граѓаните.

- Послушниците на Заев немаат ниту еден аргумент со кој ќе го оправдаат предавничкото прифаќање на тиранската платформа и обврските кои ги има преземено кон нарко-мафијата што му помагаше на избори. Молчат и се надеваат дека народот ќе заборави и ќе им прости. Мислат дека народот ќе му прогледа низ прсти на Заев и дека тој уште еднаш ќе биде амнестиран дури и ако се обиде да го погази Уставот и законите и формира паралелни институции, се потенцира во соопштенито од ВМРО-ДПМНЕ.

Единствена разврска која ќе биде во корист на сите граѓани, се додава, се нови парламентарни избори, на кои граѓаните ќе кажат што мислат за тиранската платформа.