Македонија
25. March 2017 - 11:36

ВМРО-ДПМНЕ: Со прифаќањето на тиранската платформа СДСМ ја втурнаа Република Македонија во процес на федерализација

ВМРО-ДПМНЕ денеска соопшти дека СДСМ  и Зоран Заев не можат да тргуваат со највисоките национални и државни интереси само за да се спасат и да не одговараат за криминалите што ги сториле.

Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ со самото прифаќање на против уставната тиранската платформа во целост ја втурнаа Република Македонија во процес на федерализација.

Нивното прифаќање на тиранската платформа, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ, беше потврдено и од нивниот пратеник Мухамед Зекири кој јавно и јасно пред еден од претставниците на ДУИ кажа дека СДСМ како партија се согласува со сите точки од платформата.

- ВМРО-ДПМНЕ остро се спротивстави на реализација на тиранската платформа и затоа не постигна договор за формирање на Влада, бидејќи никогаш нема да дозволи државата да ги изгуби атрибутите на унитарна и мултиетничка држава. Народот на Република Македонија го прочита аболицираниот криминалец Зоран Заев и неговата партија. Затоа секој ден стотици илјади граѓани по улиците низ градовите му порачуваат дека нема да му ја прифатат тиранската платформа и Влада што има намера да ја формира и со која ќе ја воведе иднината на Македонија во прашање, стои во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ посочуваат дека за иднината на Република Македонија, за атрибутите на унитарна и мултиетничка држава, инсистираат да се одржат нови парламентарни избори, бидејќи гласот на граѓаните мора да се слушне.  - Доколку Заев смета дека треба да се прифати и реализира тиранската платформа нека ја претстави во својата изборна програма и граѓаните нека се изјаснат што мислат за неа. Во спротивно револтот кај граѓаните секој ден се повеќе ќе расне, додаваат од ВМРО-ДПМНЕ.