Македонија
23. April 2017 - 16:19

ВМРО-ДПМНЕ со осуда за изјавата на дебарскиот градоначалник

ВМРО-ДПМНЕ ја осуди изјавата на градоначалникот на Дебар, Ружди Лата, за која смета дека го уништува духот на соживотот и длабоко го поткопува темелот на државноста и уставното уредување, и нагласи дека Зоран Заев и СДСМ се главен поттикнувач на „големо албанските“ апетити во Македонија и во регионот.

- Ваквите националистички и ретроградни изјави кои зачестија во последниот период се предизвикани директно од антидржавното делување на Зоран Заев, неговите антидржавни ветувања во Берн и прифаќање целосно да ја реализира тиранската платформа. Покрај Лата, вакви антидржавни изјави се изнаслушавме и од Зијадин Села, коалицискиот партнер на Заев, од кого зависи мнозинството на СДС во Парламентот, Еди Рама, Хашим Тачи, Дитмир Бушати и Месила Дода и ниту една изјава не беше осудена од страна СДС, истакна Драган Данев на денешната прес-конференција.

Тој посочи дека Заев ги разбудил духовите на минатото и шовинистичките и иредентистички намери на одредени кругови во регионот.

- Со прифаќањето на тиранската платформа прифати двојазичност, промена на знаме, химна и грб, промена на името по грчки терк и федерализација на државата, што во крајна фаза, судејќи по апетитите во регионот, ќе заврши со дисолуција на Република Македонија.Заев сето ова го прави за да си го плати долгот кај нарко-мафијата и останатите негатори на македонскиот идентитет кои му помогнаа на изборите, рече Данев.

Тој додаде дека граѓаните ја сакаат Македонија унитарна и мултиетничка со еднакви права и можности и оти цврсто ќе се спротистават на секој обид за уништување на државата.