Македонија
24. July 2017 - 10:24

ВМРО-ДПМНЕ: СЈО е инструмент диригиран од СДС

 ВМРО-ДПМНЕ смета дека кривичните постапки на Специјалното јавно обвинителство се тенденциозни и политички мотивирани и дека сите акции кои ги презема СЈО се во насока на оцрнување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ по налог на Заев.

- Зоран Заев јавно говореше дека не ги признава судските одлуки и не одеше на рочишта, а судот му го врати пасошот. Охрабрени од ваквите привилегии за Зоран Заев, кој има третман дека е над законот, СЈО се впушти во политичка авантура неосновано да бара мерки за обезбедување за неговите неистомисленици. Раководството на ВМРО-ДПМНЕ нема намера да ја опструира правдата, затоа што не сторило ниту едно кривично дело и секогаш работело според Устав и законот. Барањата за притвор на СЈО за раководството на ВМРО-ДПМНЕ беа желба на Заев со која би го елиминирал стравот од поразот кој го чека на локалните избори, изјави претпладнево Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

Според него, почнувајќи од „Титаник“ преку, како што рече, „измислените тврдини, траектории и тенкови“, сите обвиненија се без основа и срам за правосудниот систем и за оние кои ги конструирале.

- На граѓаните на Република Македонија им е совршено јасно дека СЈО работи под директен диктат на СДС. Обвиненијата на СЈО се само наратив од прес-конференциите на Заев и служат единствено за оцрнување на раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Ова не е право и правда, ниту има каква било допирна точка со правото и правдата. Ова е политика, додаде Стојаноски.