Македонија
21. јуни 2017 - 16:40

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ заборави на предизборните ветувања

СДСМ за краток период заборави што ветуваше во предизборната кампања, обвинија пратениците од ВМРО-ДПМНЕ. Од партијата и денеска го повикаа новото парламентарно мнозинство да ја поддржи граѓанската иницијатива за продолжување на породилното отсуство, бидејќи во спротивно ќе се докаже дека СДСМ свесно ги лажеше граѓаните и ветуваше проекти кои нема намера да ги исполни.

Имено, вчера во медиумите се појави Извадок од Нацрт-записникот од Седмата седница на Владата на Република Македонија, каде новата министерка за труд и социјална политика во владата на СДС, Мила Царовска, информира дека треба да се завземе негативен став и го одби барањето за продолжување на породилното отсуство поради наводни финансиски импликации. На овој начин, Царовска и СДС очигледно се обидуваат на секој можен начин да ја задушат граѓанската иницијатива, иако во предизборието на големо ветуваа дека токму граѓанските иницијативи секогаш ќе ја имаат нивната поддршка, вели пратеничката Нола Исмајлоска Старова.

Втор ден во рамки на собраниската комисија за труд и социјална политика пратениците од власта и опозиција дебатираат за законските измени со кои се бара продолжување на породилното отсуство од 9 на 18 месеци. За пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, финансиските импликации  се само изговор да се отфрли граѓанската иницијатива, според СДСМ пак, овој предлог е добра основа да се отвори јавна дебата во која насока треба да се подобрат работничките права, но нема да ги поддржат измените на законот, туку проблемите ќе ги решаваат системски.

Својот став пред пратениците вчера го изнесе и министерката Мила Царовска која посочи дека породилното отсуство во Македонија трае подолго во споредба со повеќето европски земји, неговото продолжување дополнително ќе го оптовари буџетот, а со предолгото отсуство на мајката од пазарот на труд се губат ресурси. Министерството е отворено за дебата по однос на ова прашање, но неопходно е да се слушне ставот на сите засегната страни за да се донесе законско решение во корист на сите граѓани.