Македонија
10. March 2016 - 14:54

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ спроведува сценарио за одложување или непризнавање на изборите

Секому му е јасно дека на сила е спроведување на ново сценарио за спас на раководството на СДСМ со три цели: алиби за да ги одложи изборите, алиби за да избега од избори или алиби за да не ги признава резултатите од изборите, пишува ВМРО-ДПМНЕ во реакцијата на соопштението на СДСМ за нерегуларности во Избирачкиот список.

За таа цел, стои во реакцијата, се вклучија сите погони од Фабриката за афери на Чаушот и СДСМ па од Бихаќка започнаа да фабрикуваат најапсурдни измислици и конструкции на кои им се смее и Даниела Рангелова од Брвеница и сите граѓани на Република Македонија. 

- СДСМ бесрамно лажеше дека пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ Даниела Рангелова живеела во Брвеница и на нејзина адреса имало 127 фантомски гласачи. СДСМ грубо излажа дека на адресата на која живее пратеникот Димитар Стевананџија се регистрирани 22 гласачи. Стевананџија појасни дека станува збор за станбена зграда стара 55 години со 2 влеза и 16 станови во кои живеат неговите соседи. Манипулацијата на медиумите финансирани од Сорос и СДСМ е во тоа што ги вадат сите лица кои живеат на адреса ул. „Борис Кидриќ“ бр 16, но не кажуваат за колку станови станува збор. СДСМ грубо и бесрамно излажа и дека пратеникот Павле Саздов поседува куќа во Бутел и дека на таа адреса се регистрирани 15 гласачи. Саздов јавно соопшти дека куќа и стан во Република македонија не поседува, а на адресата на која што живее се регистрирани само тој и неговата сопруга што може да се види со обична проверка на избирачкиот список. Толку од аферите на СДСМ. Толку од фантомските гласачи на СДСМ, се наведува во реакцијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, „откако не успеаја овие измислици, медиумите под контрола на СДСМ започнаа да се повикуваат на јавувања од анонимни граѓани кои виделе фантомски гласачи во своите домови“.

- Апсурдни и трагикомични се ваквите сценарија на СДСМ за спас на раководството на партијата. Нема да им пројдат. Граѓаните ќе дојдат по своето, се наведува во реакцијата од ВМРО-ДПМНЕ.