Македонија
19. February 2018 - 10:25

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ ја загрози безбедноста на граѓаните со амнестијата на над 2.000 затвореници

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека Судот мора да се ослободи од стегите на власта, а Македонија од заробена држава повторно да се врати на демократските принципи кон кои се стремат сите граѓани на државата.

СДСМ ја загрози безбедноста на граѓаните со амнестијата на над 2.000 затвореници меѓу кои има и осуденици за тешки кривични дела. Дел од нив за неполни 24 часа повторно се вратија на криминалот, а жртви беа невини граѓани. Нападнати се и жени и мажи. Разбојништва и кражби се вршени и врз млади и врз стари. Жртвите се множат, а МВР не успева да ги заштити граѓаните, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

-ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека СДСМ прави предизборна коалиција со криминалните структури во државата. ВМРО-ДПМНЕ предупредуваше дека СДСМ ќе мора на еден или друг начин да им се оддолжи на овие луѓе кои ја дадоа поддршката за СДСМ за локалните и предвремените парламентарни избори, бидејќи им помогнаа за рекет, купување гласови и притисоци врз гласачите. Како и секогаш цената за штетните политики на СДСМ ја плаќаат граѓаните. СДСМ е одговорен за штетата која ја предизвикуваат амнестираните затвореници? Додека криминалците се на слобода, партиотите поради своето противење на погубните политики на Зоран Заев и СДСМ се најдоа за решетки. Интелектуалци, уметници, архитекти, доктори, глумци и пратеници станаа политички затвореници само поради фактот дека се политички неистомисленици со Заев, се наведува во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ порачуваат дека Судот мора да се ослободи од стегите на власта, а Македонија од заробена држава повторно да се врати на демократските принципи кон кои се стремат сите граѓани на државата.

-Мора веднаш да бидат отфрлени неоснованите обвиненија и да бидат ослободени од притвор овие невини луѓе. Богдан, Чавков, Мукоски, Жаклина , Дурловски, Дамовски и сите други кои се наоѓаат во притвор само бидејќи ја сакаат својата држава мораат да бидат ослободени. Обвинителството мора да престане да извршува партиски директиви на Зоран Заев и СДСМ и да започне да работи во интерест на граѓаните. Правната држава мора да се врати за доброто на граѓаните, а Македонија мора да се врати на патот кон Европската Унија и НАТО, заклучуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

Интегрално соопштение на ВМРО-ДПМНЕ