Македонија
18. јуни 2017 - 10:19

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ и нивните коалициски партнери ќе ја претворат Струга во депонија

ВМРО-ДПМНЕ во денешното соопштение ги обвинува СДСМ и нивните коалициски партнери бидејќи, како што велат, со сопствената неспособност го загрозија здравјето на граѓаните и животната средина ризикувајќи да ја претворат Струга од бисер на Охридското Езеро во депонија.

- Владата на СДС дозволи граѓаните на град Струга да го дишат штетниот воздух десет дена. Со самото гасење на депонијата нема да се реши овој проблем, бидејќи постои опасност повторно да се запали, а истовремено има ризик да ја контаминира земјата и подземните води кои се влеваат во Охридското Езеро и во реката Црн Дрим. се истакнува во соопштението.

Според ВМРО-ДПМНЕ, Владата на СДС не ги сослуша барањата на граѓаните, бидејќи приоритет им е креирање црни сценарија за раководството на ВМРО-ДПМНЕ.

- Пратениците од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“, за доброто на граѓаните во четвртокот побараа по итна постапка да се одржи седница на која што ќе се разгледува алармантната состојба во Струга, но Талат Џафери се обиде да ја замолчи расправата и да не дозволи процедурални забелешки на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ, стои во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека е време СДСМ да почне да работи бидејќи ја води Владата на Република Македонија.

- Граѓаните со нетрпение очекуваат СДС да ги исполни дадените ветувања. Македонскиот народ ги очекува 16.000 денари минимална плата и 30.000 денари просечна плата, додека лекарите ја чекаат платата од 100.000 денари. Тука е и ветувањето за 30.000 денари кои граѓаните треба да ги добијат како поврат на ДДВ и еден од носечките проекти новите 500 километри автопат, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Граѓаните, кко што е посочено во партиското соопштение, сакаат работа и посветеност, како што тоа го правеше владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ.