Македонија
23. February 2018 - 16:22

ВМРО-ДПМНЕ: СДСМ го откри гневот кон народот - СДСМ: Споменикот е симбол за работењето на ВМРО-ДПМНЕ

Заврши елаборатот за споменикто Филип Втори. До министерството за култура пристигнал и петтиот извештај на работната група која го истражува проектот Скопје 2014-та. Работната група утврдила неправилности спротивни на законот за меморијални споменици. За неговото поставување, наместо собранието, одлучувале локалните власти..

Инаку претходно, речиси идентичен извештај работната група на министерството за култура изработи и за споменикот Воин на коњ каде утврди нерегуларности во постапките за поставување на обележјето.. Дали спомениците ќе се отсрануваат, одлуката заеднички треба да ја донесат Министерството и градските власти во зависност под чија надлежност биле поставени.

И денеска пак продолжуваат реакциите по отстранувањето на споменикот на Андон Лазов - Ќосето, кој пред повеќе од 3 години беше поставен пред Врховниот Суд во Скопје. Целта на рушењето не беше споменикот како предмет, кој е обележје на еден човек кој животот го посветил на Македонија, туку рушење на идејата за Македонија со сопствена историја, реагираат од ВМРО ДПМНЕ. Според нив, СДСМ со овој потег манифестира примитивизам и кукавичлук.

Од СДСМ пак велат дека таканаречениот споменик што беше поставен незаконски, останува да биде симбол на насилното и криминално владеење на ВМРО-ДПМНЕ.

Различните фрустрации на луѓето во врвот на ВМРО-ДПМНЕ цели 11 години се истураа врз грбот на граѓаните и врз интересите на државата. Тоа време заврши, граѓаните го поразија заедно со прогресивните демократски сили. Следува одговорност за целокупното зло нанесено врз граѓаните и државата, согласно законските процедури, за никогаш да не се повтори, се вели во соопштението од СДСМ.

Споменикот на “Ќосето” беше отстранет вчера, во раните утрински часови, од надлежни екипи од Град Скопје, во коррдинација со градежниот инспекторат на Општина Центар. Откако ќе биде отстранет и постаментот на кој што беше поставен споменикот, градските власти на истото место ќе насадат дрво од видот Гинко, наречено дрво на човекови права.