Бизнис
18. July 2017 - 19:41

ВМРО ДПМНЕ: СДСМ аукциите ги сметаше за криминал, а денес се задолжи за нови 10,6 милиони евра

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ ја критикува Владата за денешното задолжување на државата, како што тврди партијата, во износ од 10,6 милиони евра, преку аукции на државни хартии од вредност, а кој начин на задолжување го критикувала додека била во опозиција.

Анета Димовска од ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција оцени дека денешната аукција „ја покажала недовербата на банките кон работата на новата Влада бидејќи побарувачката за државните хартии од вредност била помала од тоа што го планирал министерот за финансии Драган Тевдовски“. - Ова е долг на грбот на граѓаните. Патем нема ниту збор за што ќе се трошат овие 10,6 милиони евра, ниту за училишта, ниту за болници, ниту за други инфраструктурни проекти, рече Димовска.

Според Димовска, денешното задолжување е дел од лицемерието на СДСМ затоа што критикувале за презадолженост, а, како што рече, има намера уште повеќе да ја задолжува Македонија.

- Впрочем со ребалансот на Буџетот, Владата на СДС планира да го зголеми задолжувањето за дополнителни 150 милиони евра до крајот на годината, од тоа што беше предвидено како претходна динамика. Апсурдот е во тоа што во ребалансот истовремено се намалуваат капиталните инвестиции, а од друга страна се планира дополнително задолжување од 150 милиони евра, рече Димовска, оценувајќи дека  од тоа произлегува оти СДСМ својата неспособност и неодговорност ќе ја покриваат со нови долгови за непродуктивни расходи.

На граѓаните, подвлече Димовска, веќе им е јасно дека најголем дел од денешните 10,6 милиони евра, како и дополнителните 150 милиони, ќе завршат на ставката вдомување на партиските војници од чистачка до министер.