Македонија
24. May 2017 - 10:27

ВМРО-ДПМНЕ: СДС со години ги оштетува граѓаните и се богати на нивен грб

ВМРО-ДПМНЕ во пишано соопштение наведува дека раководството на СДС со години ги оштетува граѓаните на Република Македонија и се богати на нивен грб.

СДС, посочуваат од ВМРО-ДПМНЕ, е политичка партија која својот централен штаб го има добиено во наследство од поранешната СКМ, за чија наследничка се прогласија и со тоа ги изиграа законите стекнувајќи се со имот од 3.583 м2, во центарот на Скопје.

Според ВМРО-ДПМНЕ, централното седиште на партијата на ул.„Павел Шатев“ во Скопје, како објект на државата од претходниот систем им припаѓа на сите граѓани на Република Македонија, а не на СДС. 

- Криминогената матрица на СДС никогаш не рaзмислувала како да придонесе за развој на државата и подобар живот на граѓаните. СДС секогаш била насочена кон црпење на што е можно повеќе ресурси за богатење на партијата и тесното раководство во врвот. Тоа го видовме и со приватизацијата кога милијарди евра капитал беа разграбани, а 200.000 работници останаа на улица. Тоа го видовме и со бомбона бизнисите, а сега го гледаме истото и со прифаќањето на Tиранската платформа, истакнуваат од ВМРО-ДПМНЕ.