Македонија
22. July 2017 - 19:14

ВМРО-ДПМНЕ: СДС ги прави бегалците и мигрантите македонски државјани

Македонија нема доволно ресурси за мигрантите,а приоритет на државата треба да бидат граѓаните. ВМРо-ДПМНЕ жестоко реагира на владината стратегија за интеграција на бегалци и странци во земјава во следните 10 години. Од партијата прашуваат зошто и на кој начин Македонија ќе ја олесни постапката за доделување државјансто и пристапот до сопствен стан, образование и вработување за мигрантите и бегалците.

Според ВМРО-ДПМНЕ, ресурсите со кои располага Македонија треба да бидат насочени кон граѓаните, а поддршка за решавање на станбеното прашање и вработување треба да добијат пред се ранливите категории.

Премиерот Заев и министерката Царовска пак, тврдат дека овој документ е само стратешка определба на Македонија во делот на мигрантите кои мора да имаат обезбедено права согласно меѓународни документи.

Ова е само документ кој што ние, во духот на транспарентноста на новата влада го објавуваме на веб страната со цел граѓаните, здруженијата на граѓани, меѓународната заедница, да дадат придонес и да го коментираат за позитивни насоки. Овој документ мора да го има Македонија како сериозна држава која што ратификувала конвенции и има законски основи за донесување на оваа стратегија како продолжение на предходниот документ, да биде најдобро што може. Секако, значи, никакво вклучување и обезбедување на домување на 150 000 мигранти нема во овој момент, вели Царовска.

Бегалците транзитираат низ Македонија. Но, кога транзитираат не можете да немате законска основа за да му помогнете на детенцето на кое што му треба помош, на мајката, на родителот, на таткото. Македонија потпишала меѓунаросни конвенции и мора да се држиме до нив во делот на хуманоста и солидарноста. Самиот факт дека бегалците транзитираат низ Македонија покажува дека е лага секоја шпекулација што вели дека Македонија донела декларација за да може да апсорбира бегалци, вели премиерот Заев.

Согласно националата стратегија која ја објави Министерството за труд и социјална политика, државата планирала преку изградба на станови на државно земјиште и реновиорање на постојни објекти во државна сопственост на бегалците да им го реши проблемот со домувањето.

Со стратегијата се предвидува и подобрување на пристапот до стекнување државјанство, поддршка на вработувањето на бегалци и признавање на нивните стекнати квалификации.