Македонија
30. September 2017 - 9:31

ВМРО-ДПМНЕ: СДС е позната како влада која урива

Катастрофалните економски политики, кои СДС и Заев ги водеше овие 4 месеци ја доведоа Македонија да оди кон банкрот, обвинуваат од ВМРО-ДПМНЕ.

-Лошите макроекономски показатели станаа општ тренд. Имаме во континуитет пад на индустриското производство за 5.3 проценти, пад на странските директни инвестиции, пад на прометот во индустријата и градежништвото. Во Македонија веќе не се слушаат добри вести за економски напредок, туку исклучиво негативни вести за тоа колку назадувала државата. Македонија оди кон банкрот. Констатирање за тоа имаше и Народната Банка на Република Македонија. Пад за 1.6% се забележа во активноста на банките, надополнето со пад на БДП. Поради лошата економска ситуација на државата, што ја створија СДС и Заев, НБРМ потврди дека банките ја намалија својата кредитна активност. Фирмите и компаниите се потешко се одлучуваат да инвестираат и земат кредит. Ваквата лоша политика ќе придонесе помалку пари за компаниите при што ќе придонесе стагнација во стопанството, стои во партиското соопштение.

Од ВМРО-ДПМНЕ истакнуваат дека помалку пари за компаниите значи и помалку пари за вработените, како и зголемување на невработеноста и раст на сивата економија.

-Неспособноста на СДС да води економски политики, директно ја почувствуваа граѓаните врз сопствена кожа. Граѓанските пари, овие 4 месеци беа расипнички потрошени на луксузирања и партиски вработувања. Веднаш имаше пад на просечната плата за 1.3% два месеци по ред и пад на извозот во јули месец за 12%. Бидејќи СДС е позната како влада која урива, веднаш по доаѓање на власт стопира многу градежни проекти.  Државата е во слободен пад, и ова мора да запре и граѓаните тоа ќе го направат на 15-ти октомври со пенкало во рака ќе биде испратена првата гласна порака дека е доста, стои во соопштението на ВМРО-ДПМНЕ.