Македонија
19. March 2016 - 16:19

ВМРО-ДПМНЕ: Проверете ги сите два милиони - Најважно е да се видиме на избори

СДСМ прави лицитација во ДИК од математичката операција за тоа колку гласачи треба да се проверат теренски по вкрстената проверка на избирачкиот список, открива Курир од извори во ДИК.

Вистинска драма се случувала синоќа зад затворени врати во Државната Изборна Комисија, откако претставниците на СДСМ во комисијата сфатиле дека бројката на спорни гласачи по вкрстената проверка е 4 ипол пати помала од онаа која ја соопштуваа од партијата.

Како што дознава Курир, следувале и непристојни понуди од Социјалдемократите до претставниците албанци во комисијата. На кои им ветувале дека доколку гласаат да се прави теренска проверка на поголем број граѓани за возврат нема да се прави проверка кај гласачите албанци, што само по себе е незаконски предлог.

Познавачите велат дека недозволиво е пазарење со бројот на гласачи кои ќе се проверуваат затоа што се работи за математички модел на Центарот за вкрстување на податоци кој дава точна бројка со име и презиме на оние кои што ќе се проверат.

Дека СДСМ лицитира со бројки и стана очигледно и на јавноста. Лидерот на опозицијата прво говореше дека треба да се посетат околу 100.000 граѓани. Потоа бројката се крена на 500,000 за вчера Заев да побара проверка на 200,000 гласачи.

Според изворите на Курир, ден пред оваа изјава на Заев, членовите на СДСМ во ДИК одлучиле дека треба да се проверат неколку пати помалку гласачи од овие 200,000. По што следниот ден добиле инструкции од партијата на секаков начин да го сопрат процесот на проверка. По враќањето во ДИК, претставниците на СДСМ буквално дивееле а партијата преку своите медиуми се закани дека ќе ја напушти Државната изборна комисија.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека СДСМ ги прави овие чекори затоа што им е јасно дека изборите на 24 април се одложиле за џабе затоа што и тогаш постоеле услови за организирање на избори.

“Да појасниме проверката не значи дека некој е фантомски гласач или дека некој направил некоја неправилност. Проверката е едноставно само проверка. После неа СДСМ ќе ја има најтешката задача кога ќе се обелодени дека фантомски гласачи всушност воопшто немало.“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Од владејачката партија им порачуваат на СДСМ и ДИК дека ако сакаат можат да ги проверат сите 2 милиони граѓани, најважно е да има избори.

- Во Македонија живее народ а не фантоми, народ кој ќе ја казни политиката на СДСМ на 5ти јуни, порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.