Македонија
14. јуни 2017 - 17:34

ВМРО-ДПМНЕ: Приоритет на Заев е ставање на правосудните органи под негова контрола

Врвен приоритет на Зоран Заев е ставање на правосудните органи целосно под негова контрола. Затоа СДС веднаш отпочнаа со чекори кои водат кон брутална партизација на органите на прогонот, рече на денешната прес-конференција членот на ИК на ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Илиоски. 

Со ваквата стратегија Заев, како што рече, се надева дека ќе реши два проблема. - Првиот и најголем, да се спаси себе си и останатите од раководството од одговорност за криминалите и вториот, да инсталира партиски послушници кои беспоговорно ќе ги следат неговите нарачки за спроведување политички монтирани случаи, додаде Илиоски.

Тој со забелешка и за назначувањето на координаторката на советничката група на СДСМ во Карпош, Магдалена Несторовска за државен секретар во МВР.

- Токму затоа, еден од првите чекори на новата влада на СДС беше покренување на постапка на републичкиот јавен обвинител Марко Зврлевски. Тоа што на Зоран Заев му пречи е фактот дека Јавното обвинителство водено од Зврлевски не потклекнуваше на политички притисоци и отвараше постапки за случаи како „Поткуп“ каде што Заев е флагрантно фатен во неговиот криминален систем воспоставен во Струмица, едно евро за Вицето, едно евро за црквата. Јавното обвинителство покренуваше постапки и за изборни измами и манипулации со гласачите и за низа предмети во кои беше инволвирана Општина Струмица, истакна Илиоски.

Со вчерашното гласање на Советот за јавни обвинители, како што истакна Илиоски, паднаа во вода сите манипулации кои СДСМ ги ширеше во изминатиот период за партизираност во работењето на правосудните органи. 

- Операцијата што СДС ја прават во моментов не е заради некави реформи или подобрување на квалитетот во работењето на правосудните органи, туку од една едноставна причина да бидат стопирани сите случаи кои се водат против нив пред Јавното обвинителство, рече Илиоски.

Тој на прес-конференцијата додаде дека граѓаните очекуваат исполнување на ветувањата за нови 500 километри автопат, плати на докторите од 100.000 денари, просечна плата од 30.000 денари и минимална плата од 16.000 денари.